Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

Почетна Гинеколошки теми Пап тест

Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

 

Пап тестот e брз тест за проверка на здравјето на грлото на матката.

ПАП тестот се прави со цел да се откријат евентулано скриени предракови промени на грлото на матката. Но неговиот наод не е конечен. Во случај на позитивен ПАП тест се прави втор преглед заради уточнување на дијагнозата (колпоскопија). Наодот од колпоскопијата е конечен и поради тоа после овој преглед може да се планира лекување. Околу 90% од земените ПАП тестови се негативни. Преостанатите 10% пациентки имаат позитивен ПАП тест и тие треба да имаат колпоскопски преглед.

Мал број од овие 10% позитивни пациентки, доколку не се лекуваат ќе добијат рак на грлото на матката. Околу една на сто пациентки ќе има промени од мал степен (ЛСИЛ) додека една на секои двеста пациентки ќе има клеточни промени од висок степен (ХСИЛ). Кај ваквите пациентки се превземаат понатамошни испитувања

Помалку од еден на секои илјада Пап брисеви, покажуваат инвазивен рак. Овие пациентки веднаш се испраќаат во болничка установа.

Зошто и мене треба да ми се направи Пап тест?

Пап тестот се прави со цел да се спречи ракот на грлото на матката. Ова се прави со навремено откривање на предраковите промени и со нивно потполно излекување. Никој не може да знае дали има предракови промени. Токму затоа и Вие треба да имате Пап тест.

Дали секоја жена треба да има Пап тест?

ПАП тестот се се прави кај сите жени на возраст од 21-65 години. Особено треба да бидат тестирани оние кои имале сексуална активност во рана возраст, кои пушат, не користат кондоми и кои имаат повеќе партнери или имале сексуален партнер кој од своја страна имал повеќе партнери.

Како се изведува тестот?

Тестот подразбира обичен гинеколошки преглед. Со дрвена шпатула се зема брис од грлото на матката и се нанесува на стакленце кое понатаму се бои и на крајот се прегледува под микроскоп. Целата процедура трае неколку минути и наполно е безболна.

Кога треба да се направи тестот?

Најдобро е Папаниколау тестот да се направи во втората половина на менструалниот циклус, или во периодот од 14 дена по добивање на менструација до пред почетокот на наредната менструација.
Потребно е пациентката да се воздржи од сексуален однос во периодот од 24 часа пред земање на тестот и да не користи никакви вагинални средства.

За колку време се добиваат резултатите?

Резултатите се добиваат за една до две недели. Пациентките добиваат СМС порака или резултатот се соопштува директно преку телефон. Исто така, пациентката сама може да праша и да го подигне својот резултат од рецепцијата на ординацијата.

Што значи ако сум повторно повикана да ми се направи тестот?

Најчеста причина за повторен ПАП тест е таканаречено неисправно стакленце, односно клетките не се прикажале добро (не се обоиле или стакаленцето се скршило) и поради тоа ПАП тестот треба повторно да се земе.
Во друг случај тестот покажал позитивен резултат. Тоа не значи дека се работи за рак. Ваквите пациентки ќе бидат повикани за повторен преглед.

Што се прави во случај на позитивен резултат?

Во случај на позитивен ПАП тест пациентката ќе има преглед со специјален апарат кој се вика колпоскоп (еден вид на микроскоп), или пак ќе се земе брис за некои вируси кои можат да предизвикаат рак на грлото на матката (ХПВ тест). Ако наодите и понатаму се позитивни се превзема дефинитивно лекување на промените.

Како се лекуваат предраковите промени?

Лекувањето зависи од големината и местоположбата на промените. Најчесто се превзема таканаречено “горење“ на промените или нивно одстранување со таканаречена ЛЕТЗ процедура. За ова се користи специјален апарат. После четири до шест недели лекуваното место наполно заздравува. Со тоа е спречена можноста за влошување на промените или за нивно преминување во рак на грлото на матката.

Што нуди нашата ординација?

Нашата ординација зема ПАП тестови и тие се прегледуваат на одделите за патологија во Охрид или Скопје. Сите пациентки кои имаат позитивен ПАП тест внимателно се прегледуваат со колпоскоп за да се пронајде заболеното место, кога тоа ќе се пронајде се зема биопсија. По потреба зе зема брис за ХПВ типизација со цел да се утврди постоење на ризичен вирус. За лекување на промените ги користиме двете техники, “горење“ односно дијатермизирање на заболеното место или негово отстранување со ЛЕТЗ процедура. Понатаму пациентките се следат со правење на ПАП тестови на секој шест месеци. Кога ќе се добијат три негативни ПАП тестови пациентката се враќа на еднаш годишно тестирање.