ПАП тестови
ДАЛИ ТРЕБА ПАП ТЕСТОТ ДА СЕ ПРАВИ ВО ОДРЕДЕН ДЕН ОД ЦИКЛУСОТ
Најдобро ПАП тестот да се направи околу средина на циклусот. По завршување на менструацијата да поминат уште три до четири дена па да се закаже термин. Или да се користи калкулаторот погоре.Пациентките треба да се воздржат од сексуален однос во периодот од 24 часа пред земање на тестот и да не користи никакви вагинални средства.
ЗА КОЛКУ ДЕНА СЕ ДОБИВА РЕЗУЛТАТОТ
Резултатите се добиваат за една до две недели. Пациентките добиваат СМС порака или резултатот се соопштува директно преку телефон. Исто така, пациентката сама може да праша и да го подигне својот резултат од рецепцијата на ординацијата.
ШТО ЗНАЧИ АКО СУМ ПОВТОРНО ПОВИКАНА ДА МИ СЕ НАПРАВИ ТЕСТОТ
Најчеста причина за повторен ПАП тест е таканаречено неисправно стакленце, односно клетките не се прикажале добро (не се обоиле или стакаленцето се скршило) и поради тоа ПАП тестот треба повторно да се земе. Во друг случај тестот покажал позитивен резултат. Тоа не значи дека се работи за рак. Ваквите пациентки ќе бидат повикани за повторен преглед.
ШТО СЕ ПРАВИ ВО СЛУЧАЈ НА ПОЗИТИВЕН РЕЗУЛТАТ
Во случај на позитивен ПАП тест пациентката ќе има преглед со специјален апарат кој се вика колпоскоп (еден вид на микроскоп), или пак ќе се земе брис за некои вируси кои можат да предизвикаат рак на грлото на матката (ХПВ тест). Ако наодите и понатаму се позитивни се превзема дефинитивно лекување на промените.
СКРИНИНГ ЗА ВОЗРАСНАТА ГРУПА ОД 21 ДО 29 ГОДИНИ
ПАП тестовите се прават на секој 3 години. ХПВ тестот во оваа возрасна група не се прави нити како самостоен нити како дополнителен тест на ПАП тестот. Ова е поради високата застапеност на ХПВ инфекцијата кај младата популација.
СКРИНИНГ ЗА ВОЗРАСНАТА ГРУПА ОД 30 ДО 65 ГОДИНИ
ПАП тестовите се прават на 3 годишни интервали. Можна опција е да се прави ПАП тест и тест за присуство на ХПВ на 5 годишни интервали, Сигурноста со двојното тестирање на секој 5 години е еднаква или поголема од сигурноста со тригодишното тестирање.
СКРИНИНГ КАЈ ЖЕНИ ПОСЛЕ ХИСТЕРЕКТОМИЈА КОИ ПРЕТХОДНО НЕМАЛЕ ЦИН-2,3
Не треба да се прават ПАП тестови кај жени од било која возраст кој имале хистеректомија со одстранување на грлото на матката. Докази за претходните негативни ПАП тестови не се потребни. Логиката за ваквата препорака е што вагиналниот карцином е редок и што вагиналната цитологија има мало клиничко значење.
СКРИНИГ КАЈ ЖЕНИ КОЈ ЈА ПРИМИЛЕ ХПВ ВАКЦИНАТА
Препораките се исти како и за жените кој не се вакцинирани на ХПВ. Ова е поради фактот што во ХПВ вакцината не се содржани сите карциногени ХПВ подтипови.
КАКО СЕ ЛЕКУВААТ ПРЕДРАКОВИТЕ ПРОМЕНИ
Лекувањето зависи од големината и местоположбата на промените. Најчесто се превзема таканаречено “горење“ или “смрзнување“ на промените или нивно одстранување со таканаречена ЛЕТЗ процедура. За ова се користи специјален апарат. После четири до шест недели лекуваното место наполно заздравува. Со тоа е спречена можноста за влошување на промените или за нивно преминување во рак на грлото на матката.
ШТО НУДИ НАШАТА ПЗУ
Нашата ПЗУ зема ПАП тестови и тие се прегледуваат на одделите за патологија во Охрид или Скопје. Сите пациентки кои имаат позитивен ПАП тест се повикуваат на консултација и внимателно се прегледуваат со колпоскоп за да се пронајде заболеното место од кое потоа се зема биопсија. По потреба зе зема брис за ХПВ типизација со цел да се утврди постоење на ризичен вирус. Лекувањето понатаму е со аблативни или ексцизиони техники. Лекуваните пациентките се следат со правење на ПАП тестови на секој шест месеци. После три негативни ПАП тестови пациентката се враќа на рутинско тестирање.