Охрид | ПЗУ Захариевски

Гинекологија Акушерство

ГРУТКА ВО ДОЈКАТА

Дали може да крие сериозно заболување

Може, но најважно е да се знае дека кај помладите жени, грутката најчесто не е предизвикана од рак и обично е бенигна (циста или инфекција).

Многу ретко таа е предизвикана од сериозно заболување како ракот на дојката. И токму заради оваа мала можност секоја сомнителна промена во градите треба веднаш да биде прегледана од доктор кој ќе одлучи дали треба понатамошно испитување.

Анатомија на дојката

Дали е опасен ракот на дојката

Тој е втора водечка причина за смрт од рак кај жените, не се појавува наеднаш туку постепено, составен е од повеќе видови клетки. Неговото спречување е главен предизвик во светот. Во основа ракот на дојка настанува поради ненормално и неконтролирано размножување на клетките во: жлездите на дојката (лобулите, каде се произведува млекото) или каналите на дојката (дуктусите, кои го спроведуваат млекото до пупката на дојката).

Како да се открие која промена е опасна

Шансите се секогаш дека најчесто се работи за безопасни промени. Бенигните промени се обично мазни, добро ограничени и подвижни, додека малигните се најчесто потврди, со нејасни и неправилни рабови, помалку и сосема неподвижни, односно фиксирани со соседното ткиво на дојката. На сликата се опишани и други сомнителни знаци кои треба да сигнализираат дека можеби се работи за сериозно заболување и дека треба да се закаже преглед кај вашиот доктор.

 

Возрасна застапеност на ракот на дојката

Како што минуваат годините така се зголемува и ризикот за добивање рак на дојка. Тоа го потврдуваат и статистиките, од сите жени кои годишно заболуваат од рак на дојка:

  • 80%   се на возраст од 45 години или повеќе,
  • 43%   се на возраст од 65 години или повеќе,

или

  • 1 : 68   (40 до 50 години)
  • 1 : 42  (50 – 60 години)
  • 1 : 28  (60 – 70 години)
  • 1 : 26  (70 години и повеќе)

Графиконот подолу јасно ја оцртува поврзаноста на ракот на дојката и возраста

Застапеноста на ракот на дојка во Република Северна Македонија се гледа од наредниот графикон. Во 2018 година на секој 100,000 жени имало околу 100 нови случаи рак на дојка. Кај поразвиените земји овој ризик е поголем.

Причини за грутки во дојката

Постојат многу причини за појава на грутка на дојката. Најчести причини се:
Нормално отекување и осетливост на градите за време на менструалниот циклус, Фиброаденом, Цисти на дојката, Инфекција, Некроза на масно ткиво, Липом и Рак на дојката.

Анатомија на дојката

Нормален оток на дојката во тек на менструалниот циклус е честа појава и се јавува поради редовно менувањето на нивоата на хормони. Повеке од половина од сите жени кои имаат менструација ќе имаат болка, осетливост или грутка во градите во одреден период на циклусот. Ова најчесто се случува една неделата пред менструацијата, но брзо поминува со почетокот на менструацијата. Ако грутката предизвикува болка, состојбата е позната како фиброцистична промена  и таа е од поблаг карактер. Но ако болката и грутката се од поголем степен потребен е лекарски преглед. Оваа појава е најчеста кај жени на возраст од 30-50 години.

Фиброцистични дојки

Фиброаденом е неканцерозна (бенигна) грутка на дојка која обично се јавува кај жени помлади од 40 години. Најчесто се јавува кај жени во 20-тите години. Тоа е најчестиот вид бенигна грутка на градите. Грутките се јавуваат поради зголемен раст на жлездите и сврзното ткиво во градите. Тие обично се пипаат како топчести, цврсти или гумени грутки. На притисок се подвижни под кожата и не се болни. Понекогаш самите исчезнуваат или може да се отстранат. По менопаузата имаат тенденција да се повлечат.

Фиброаденом

Цисти во дојките се грутки исполнети со течност. Почести се кај жени кои се приближуваат кон менопауза, иако можат да се појават на било која возраст. Обично се овални или тркалезни, мазни и цврсти. На притисок имаат тенденција малку да се поместат. Вообичаено е да се јават две недели пред почетокот на менструацијата и да се изгубат брзо по менструацијата.

Цистите не можат да се претворат во рак на дојка и не треба секогаш да се третираат откако ќе се потврди дијагнозата. Онаму каде што е потребен третман, обично се прави со пунктирање и празнење на цистата. Интервенцијата се прави со тенка игла. По празнењето, некои цисти повторно се полнат со течност и во тој случај можна е повторна пункција.

Цисти во дојката

Грутки во дојката се честа појава кај жени кои дојат поради блокирање на млечните канали. Ако во нив навлезат бактери преку пукнатините во брадавицата може да дојде до воспалителна грутка во која може да се создаде гнојна колекција (апсцес). Во таков случај помагаат топли облоги, парацетамол и/или антибиотици. Инфекција може да предизвика грутка во градите и кај жени кои не дојат.

Воспаление на дојка

Некроза на масното ткиво во дојките може да предизвика појава на грутка во градите. Обично е последица на повреда или траума на масното ткиво во градите. Овие грутки обично заздравуваат сами од себе, ако не го сторат тоа може да се отстранат.

Масна циста

Рак на градите може да предизвика појава на грутка во дојката. Тој најчесто започнува во клетките кои ги обложуваат каналите на дојката и затоа се нарекува канален или дуктален рак. Ракот може да започне и во клетките на жлездите на дојката и во овој случај се нарекува жлезден или лобуларен рак. И дукталниот и лобуларниот рак може да бидат in situ (на местото каде што се појавил) или инвазивен (кога се проширил на околното ткиво). Има и поретки видови на рак на дојка. Тие вклучуваат воспалителен рак на дојка, Паџетова болест на дојката и тројно негативен рак на дојка. Ретки видови на рак на дојка вклучуваат не-Хочкин лимфом и сарком на меките ткива.

Рак на дојка

Што да правам ако најдам грутка во дојката

Ако почувствувате грутка во дојката треба веднаш да закажете преглед и консултација кај вашиот доктор. Тој ке одреди дали се работи за бенигна или сомнителна грутка која треба понатаму да се проверува со биопсија. Пред да ве прегледа, докторот најчесто ќе ве праша:

Кога првпат ја забележавте грутката?

Дали чувствувате болка во дојките?

Дали постои исцедок од брадавицата?

Кога е датумот на последната менструација (ако има менструални циклуси)?

Дали примате хормонски лекови (контрацептивни таблети или менопаузална хормонска терапија)?

Дали претходно имало грутки во градите?

Дали некој од вашето семејство имал рак на градите?

Клинички и ехо преглед на дојка, БИ-РАДС класификација

Прегледот на гради се прави во седечка и лежечка позиција и се состои од неколку фази. Прво се оценуваат обликот, симетричноста, големината и контурата на дојкта, потоа се проверува дали постојат промени на кожата на дојката, брадавицата и ареолата околу неа.  Понатаму во лежечка позиција палпаторно се проверуваат сите четири квадранти на обете дојки како и областа под мишките.

Секоја тврдина (или грутка) во дојката се нотира и одредува нејзината позиција, осетливост, температура, големина, облик, површина, ивици, тврдост и подвижност во однос на соседното ткиво. Исто така се проверува дали има некаков секрет од брадавиците на  дојката. На крајот се проварува и таканаречената супраклавикларна фоса (областа над клучната коска).

Ултразвучен преглед на дојките најчесто се прави после клиничкиот преглед. Ултразвучниот апарат испраќа звучни бранови со кои се конструираат слики од внатрешните структури на дојката. Овие слики помагаат при оценување на карактерот на грутките на дојката. Ултразвукот е безбеден, неинвазивен и не користи зрачење.

На сликата се прикажани ултразвучни слики кај разни грутки во градите. Со анализа на изгледот на грутката (хипо/хипер ехогена), обликот (овален/ирегуларен), ивиците (јасно ограничени/аглести), ориентацијата (хоризонтална/ вертикална) и задната сенка (хипер/хипо ехогена) може со голема сигурност да се одреди карактерот на грутката како и да се донесе одлука за правење бипсија на грутката.

БИ-РАДС (BI-RADS / Breast Imaging Reporting and Data System) или во превод Систем со  кој  се дава извештај и податоци за приказот на дојка направен со ехо апарат, рентген апарат (мамограф) или магнетна резонанца (МРИ).  Со овој класификационен систем се оценува ризикот од рак на дојка и се обезбедува унифицираност на извештаите од наодите направени со секој од овие апарати. Подолу е прикажана БИ-РАДС класификацијата.

Секој преглед на сомнително место на дојка направен на ултразвучен ехо апарат или рентген апарат или магнетна резонанца треба да содржи БИ-РАДС класификација.

 

Еластографија - нова ултразвучна техника

Еластографијата е нова ултразвучна техника која се користи за дополнително оценување на карактерот на грутката, односно дали е таа бенигна или сомнителна. Одамна е познато дека малигното ткиво е потврдо од соседното нормално ткиво на дојката. Ова својство се користи при мануелниот преглед на дојките. Новата ултразвучна технологија овозможува со помош на ултразвучните бранови да се одреди разликата во тврдоста на сомнителната грутка и околното нормалното ткиво на дојката. На сликите подолу,  десно се прикажани класичните ултразвучни слики, лево се еластографските прикази на истите слики.

Тврдоста на ткивото е колор кодирана од плаво (најтврдо) до црвено (најмеко).

Кога пости сомнителна грутка тогаш нејзината тврдост се споредува со тврдоста на околното ткиво (лезијата А споредена со околното ткиво Б на сликите).

За бодирање се користи таканаречен Тсукуда скор.

На горната слика се гледа темно плаво кодирана лезија што укажува дека таа е сомнителна и дека мора да се провери со биопсија.

Скор 1 (бенигна промена), скор 2 (вероватно бенигна), скор 3 (бенигна или малигна, подеднакво), скор 4 (сомнителна за малигна), скор 5 (високо сомнителна за малигна).