Охрид  | ПЗУ Захариевски

Контакт : +389 46 230-235

ЦИН 1

Лекување ЦИН 1 променa потврденa со колпоскопска биопсија

За да се користат упатствата на оваа страница вашиот ПАП кој е рапортиран како ЦИН 1 мора да биде потврден со колпоскопска биопсија. Ако вашиот ПАП тест не е потврден на овој начин тогаш вие треба да направите колпоскопски преглед, во спротивно можеби ќе лечите непостоечка промена (односно и покрај позитивниот ПАП наод вие можеби немате ЦИН 1 промена на грлото на матката).

КОИ ОПЦИИ СТОЈАТ НА РАСПОЛАГАЊЕ КАЈ ПАЦИЕНТКИ СО ЦИН-1

Најчесто ЦИН-1 спонтано се повлекува без терапија. Поради тоа првата опција е најпрвин да се направи колпоскопски преглед а понатаму пациентката да се проверува само со контролни ПАП тестови без лекување. Втората опција е да се лекува промената.

ОПЦИЈА 1 : ПРАВЕЊЕ САМО КОНТРОЛНИ ПРЕГЛЕДИ

Постојат различити ставови за правење на контролни прегледи кај пациентки со ЦИН 1. Според едни најдобро е да се прават само контролни ПАП тестови без колпоскопија, додека според други покрај ПАП тестовите треба да се прават и дополнителни  колпоскопски прегледи. Времето од еден до друг контролен преглед најчесто е четири до шест месеци. Нема единствен став нити за кога треба да се лекува ваквата промена. Според едни таа треба да се лекува по неколку месеци додека според други треба да се почека неколку години. Научните студии укажуваат дека од сите пациентки кои имале ЦИН-1 потврден со биопсија а се контролирале само со ПАП тестови без лекување, само кај 9-16% имало зголемен ризик за повисока промена на грлото на матката (ЦИН-2,3). Овој ризик е скоро идентичен како кај АСК-УС наод. Од тука произлегува дека пациентка која има ЦИН-1 потврден со биопсија може исто така сигурно да се контролира само со ПАП тестови како што тоа го прави и пациентка која има АСК-УС наод. Ако пациентката не сака да прави контролни ПАП тестови на 6 месеци тогаш таа треба да направи ХПВ ДНК тест по истекот на 12 месеци од дијагнозата на ЦИН-1 .

Вклучување на периодични колпоскопски прегледи за време на контролирањето помага да не се промашат ЦИН-2 и ЦИН-3 промени, но ја зголемува цената на контролните прегледи. Меѓутоа, нема студии кои ја потврдуваат супериорноста на правење дополнителни колпоскопски прегледи во споредба со пратење на пациентките само со ПАП тестови.

ОПЦИЈА 2 : ЛЕКУВАЊЕ НА ПРОМЕНАТА

Кај пациентките кои имаат ЦИН-1 најчесто се користат аблативни техники кои го уништуваат зафатеното цервикално ткиво, или ексцизиони процедури кои го отстрануваат зафатеното ткиво и овозможуваат патохистолошки преглед на исечокот. Покрај овие две методи понекогаш се користат некои фармацефтски препарати во вид на масти кои се ставаат на зафатеното место со цел да се излечи ЦИН промената на грлото на матката, меѓутоа до денес не постојат доволно медицински докази за да се даде препорака за или против нивна употреба.

Аблативните начини на лекување вклучуваат криотерапија, електрофулгурација, ласер аблација и ладна коагулација. Овие процедури исклучително се прават кај жени кои имаат задоволителен колпоскопски преглед и кај кои инвазивниот рак на грлото на матката е исклучен.

Ексцизиони начини на лекување вклучуваат ЛЕТЗ, ласер, како и класична конизација со скалпел (тн. дијагностички ексцизиони процедури). Вакви процедури се правземаат и во случаи кога и после лекувањето ЦИН промената продолжува да се појавува. Ова е поради фактот што повторувачка или постојана ЦИН промена најчесто се јавува во каналот на грлото на матката каде што не може да се открие со колпоскопија и поради тоа не е погодна за аблативна терапија. Аблативните процедури исто така не можат да се користат и во случаи кога колпоскопскиот наод укажува на можност од сомнителна инвазивна болест или на висок ризик од инвазивна болест. Одстранувањето на матката (хистеректомијата) носи многу поголем ризик за морбидитет дури и морталитет во споредба со ексцизионите или аблативните процедури. Поради тоа таа не се користи како првична терапија во лекувањето на жени со ЦИН-1.

Испитувањата укажуваат дека нема заначителна разлика во компликациите или процентите на успех помеѓу криотерапијата, ласер аблацијата и ЛЕТЗ лекувањето. Исто така подеднакво се ефикасни и сите начини на дијагностички ексцизиони процедури (ЛЕТЗ, ласер конизација и класична конизација со скалпел). Иако електрохируршките конизации со жица се манифестирани со помал губиток на крв, со подобра колпоскопска достапност после процедурата како и со пократко време на оперирање отколку класичната конизација со скалпел, при овие процедури има почесто зафатени патолошки ивици и тие се потешки за интерпретација отколку кај скалпел конизациите. Поради тоа, одлуката која процедура е најдобро да се примени кај одредена пациентка, зависи од обуката и искуството на докторот, ставот на пациентката, достапната опрема, очекувањата на пациентката и од веројатноста за постоење на инвазивен карцином.

ПРЕПОРАЧЛИВО ДА СЕ НАПРАВИ

Контролни ПАП тестови по 6 и 12 месеци, или ХПВ ДНК тест за високоризични групи на ХПВ по 12 месеци.

Повторна колпоскопија се прави кога при контролните ПАП тестови ќе се добие АСК наод или повисока и доколку ДНК ХПВ тестот по 12 месеци бил позитивен.

Ако два контролни последователни ПАП тестови се негативни, или ако ДНК тестот за високоризични групи направен по 12 месеци бил негативен, се препорачува враќање на пациентката кон еднаш годишни ПАП тестови.

Препорачливо е да се направат повторен ПАП тест и повторен колпоскопски преглед по 12 месеци од првобитниот наод.

Жените кај кои контролните ПАП тестови и контролните колпоскопски прегледи покажале подобрување односно намалување на степенот на промената треба да имаат ПАП тестови на 12 месеци.

Одлуката, дали да се лекуваат постојаните ЦИН-1 промени, зависи од погледите на пациентката и докторот.

Ако се превзема лекување, тогаш прифатливи методи се: криотерапија, електрофулгурација, ласер аблација, ладна коагулација и ЛЕТЗ.

Кој метод на лекување ке се примени зависи од гинекологот, од неговото искуство, опремата и клиничката корист за пациентката.

Пред да се направи аблација на ЦИН-1 препорачливо е да се земе ПАП од каналот на грлото на матката.

Ексцизиони методи се препорачуваат кај пациентки кои после аблативната терапија повторно имаат ЦИН-1 потврден со биопсија.
Кај бремени, имуносупримирани и адолесцентни жени се прават само контролни ПАП тестови, кај нив ретко постои ризик за премин кон повисока промена.

НЕПРЕПОРАЧЛИВО ДА СЕ НАПРАВИ

Неприфатливо е да се користи Подофилин, или на него слични производи за вагинална употреба или за употреба на грлото на матката.

Неприфатливо е отстранување на матката (хистеректомија) како примарен и основен начин на лекување кај пациентки кои имаат ЦИН-1 потврден на биопсија.

Сите права се задржани © 2022 ПЗУ Захариевски Охрид