Охрид | ПЗУ Захариевски

Гинекологија Акушерство

Охрид  | ПЗУ Захариевски

Контакт : +389 46 230-235

Колпоскопија

ПАП тестот е брз тест за проверка на здравјето на грлото на матката

ПАП тестот се прави со цел да се откријат евентулано скриени предракови промени на грлото на матката. Но неговиот наод не е конечен. Во случај на позитивен ПАП тест се прави втор преглед заради уточнување на дијагнозата (колпоскопија). Наодот од колпоскопијата е конечен и поради тоа после овој преглед може да се планира лекување. Околу 90% од земените ПАП тестови се негативни. Преостанатите 10% се позитивни и тие треба да имаат колпоскопски преглед.

Мал број од овие 10% позитивни пациентки, доколку не се лекуваат ќе добијат рак на грлото на матката. Околу една на сто пациентки ќе има промени од мал степен (ЛСИЛ) додека една на секои двеста пациентки ќе има клеточни промени од висок степен (ХСИЛ). Кај ваквите пациентки се превземаат понатамошни испитувања

Помалку од еден на секои илјада Пап тестови покажуваат инвазивен рак. Овие пациентки веднаш се испраќаат во болничка установа.

ЗОШТО СУМ ПОВИКАНА ДА ИМАМ КОЛПОСКОПСКИ ПРЕГЛЕД

Вие добивте покана за колпоскопски преглед бидејќи вашиот ПАП тест е позитивен, односно покажал присуство на клетки кои отстапуваат од нормалните. Ова е честа појава бидејќи на секој 100 ПАП тестови има околу 20 позитивни наоди. Ваквите клеточни промени се познати под името дисплазија. Овие промени можат да бидат рани знаци или сигнали дека на нивно место во иднина може да се развие рак на грлото од матката. Ретко овие промени можат да бидат дури и рак на грлото на матката. Колпоскопскиот преглед е едноставен, брз и безболен. Со него се дознава дали треба понатамошно лекување.
Кај некој жени промените на грлото на матката се повлекуваат спонтано сами од себе. Кај другите треба да се направи мала амбулатна процедура која има 100 процентен успех во лекување на промените.

ШТО Е КОЛПОСКОПИЈА?

Колпоскопија представува едноставен преглед со кој одблиску се прегледуваат абнормалните клетки на грлото на матката. После прегледот докторот знае дали ќе биде потребно понатамошно лекување.
Инструментот со кој се врши прегледот се вика колпоскоп што во стварност представува еден вид микроскоп.
Колпоскопскиот преглед е безбеден ако се изведува во тек на бременоста. При тоа тој нема негативно влијание врз бременоста и раѓањето како ни врз натамошната способност за забременување. Ако треба да се превземе лекување во текот на бременоста тоа обично се одлага за после раѓањето.

КАКО ДА СЕ СПРЕМАМ ЗА ПРЕГЛЕДОТ

На колпоскопски преглед доаѓате сами или во придружба на пријател или роднина. Најдобро прегледот да се направи кога нема менструално крварење, обично трае околу 15 мин, ретко може да потрае до еден час. По прегледот можно е да се јави мал вагинален исцедок, поносете санитарни марамици.

ШТО СЕ СЛУЧУВА ПРЕД ПРЕГЛЕДОТ

Најпрвин докторот ве прашува за вашата менструација, за видот на контрацепција, за вашите минати заболувања и сл. Потоа следи прегледот (се спремате од половина надоле, фустанот не се соблекува).

ШТО СЕ СЛУЧУВА ЗА ВРЕМЕ НА ПРЕГЛЕДОТ

Сестрата ви помога да се сместите на столот за прегледи. Следи гинеколошки преглед како при земање на ПАП тестот. Најчесто се зема уште еден ПАП тест но сега од каналот на грлото на матката. Потоа докторот го прегледува грлото на матката со колпоскопот кој воопшто не ве допира. Во тек на прегледот грлото на матката се премачкува со неколку течности. Целта на ова пребојување е да се најдат сите сомнителни места на кои се наоѓаат абнормални клетки. Сомнителните места обично се пребојуваат бело. Од нив се зема мало делче од грлото на матката (биопсија). Можно е чувство на мала нелагодност но во главно процедурата е безболна.

ШТО СЕ СЛУЧУВА ПОСЛЕ ПРЕГЛЕДОТ

По прегледот докторот ви кажува во што е проблемот и дали треба местото да се лекува. Во случај кога е земена биопсија дефинитивната дијагноза се дознава за една до две недели кога ќе стигнат резултатите од биопсија. После колпоскопскиот преглед вие продолжувате со своите дневни активности без никакво ограничување. Кога се зема биопсија можна е оскудна вагинална сукрвица во наредните два до три дена. Ова е нормално и таа престанува сама од себе. Најдобро е да се воздржите од сексуални односи првите пет дена после биопсијата. На тој начин местото најбрзо заздравува.

ШТО ЌЕ ПОКАЖЕ ПРЕГЛЕДОТ

Колпоскопијата точно ќе го одреди типот и раширеноста на клеточните промени на грлото на матката. Наодот од колпоскопија ќе покаже и дали е потребно лекување како и кој вид на лекување да се примени.
Наодот од биопсија ќе го покаже степенот на абнормални промени. Исто така ќе укаже дали е потребно понатамошно лекување.
Техничкиот термин кој се користи во извештајот од биопсијата е ЦИН (цервикална интраепителна неоплазија).
Со цел да се направи разлика меѓу различитите степени на промени во клетките, направена е скала за градација од 1 до 3 во зависност колку клетки се зафатени.
ЦИН 1 значи дека една третина од клетките во заболената зона се абнормални. Овие клетки можат да бидат лекувани или да бидат оставени самите да се вратат во нормала, ова доста зависи од ставот на вашиот доктор.
ЦИН 2 значи дека две третини од клетките во зафатената зона се абнормални. Ваквите промени обично треба да се лекуваат.
ЦИН 3 значи дека сите клетки во зафатената зона се абнормални. Во овој случај исто така се применува лекување на промените.
Во ретки случаи биопсијата може да покаже дека се работи за ракови промени во клетките. Во ваков случај ќе биде потребна хирургија и друга дополнителна терапија која се користи за лекување на ракот на грлото на матката.

ШТО АКО ТРЕБА ДА СЕ ЛЕКУВАМ

Лекувањето обично се прави во нареден преглед. Процедурата е слична како и при првиот колпоскопски преглед.
Постојат неколку методи за лекување на ЦИН и сите се со еднаква успешност. Лекувањето се состои во комплетно уништување на сите заболени клетки во зафатената зона, истовремено максимално штедејки го околното ткиво.
Изборот на лекување зависи од поединечниот случај, од мислењето на докторот и од техничките можности на клиниката.
Процедурата на лекување е скоро секогаш амбулантна и таа се завршува за неколку часа.
Успехот на лекувањето е скоро секогаш 100 %, повторување на ЦИН промената претставува права реткост.
Следните слики ја прикажуваат опремата за лекување ЦИН2 и ЦИН3 промени на грлото на матката (ЛЛЕТЗ процедура).

ШТО СЕ СЛУЧУВА ПОСЛЕ ЛЕКУВАЊЕТО

Обично се јавува вагинална сукрвица во наредните две до четири недели. Во овој период се одржува рутинска хигиена со санитарни марамици и влошки, исто така потребно е да се избегнува изведување на напорни вежби како и да се избегнува сексуален однос. Овие мерки овозможуваат најбрзо заздравување на грлото на матката.
Лекувањето на ЦИН нема влијание на вашата способност за забременувања, нити го зголемува ризикот од спонтан абортус.

ДАЛИ ТРЕБА ДА ИМАМ ПОНАТАМОШНИ КОНТРОЛНИ ПРЕГЛЕДИ

Да. Неопходно е да се вршат проверки за тоа како заздравува грлото на матката. Првиот контролен преглед се прави за четири до шест месеци од лекувањето. Докторот зема повторен ПАП тест но може да направи и уште една колпоскопија за да се осигура дека грлото на матката е здраво. Вториот контролен преглед се прави после шест месеци од првиот преглед. Овој преглед е сличен на предходниот и ако нема патолошки наод пациентката се советува да има скрининг еднаш годишно во наредните 10 години.

ПОНАТАМОШНИ ИНФОРМАЦИИ

За понатамошни пршања во врска со вашето здравје и лекување, најдобро е да се јавите за советување во нашата ординација.