Охрид | ПЗУ Захариевски

Гинекологија Акушерство

ХПВ инфекција кај жените

Што е тоа генитална ХПВ инфекција?

ХПВ е кратенка за Хуманиот Папилома Вирус, гениталната инфекција со овој вирус е најчеста сексуално пренослива инфекција. Постојат повеќе од 100 ХПВ видови кои можат да ја заразат гениталната област кај мажите и жените. Заразата исто така може да се прошири на устата и грлото. Заболените особи најчесто незнаат дека се заразени со ХПВ инфекција.
Некои видови на ХПВ се наречени “високо ризични” бидејќи можат да предизвикаат абнормален ПАП тест или ретко рак на грлото на матката, вулвата, вагината, анусот или пенисот. Други видови на ХПВ се наречени “ниско ризични” бидејќи иако предизвикуваат благи Пап промени или генитални брадавици скоро никогаш не преминуваат во рак.

КОЛКУ Е ЧЕСТ ХПВ?

Се смета дека околу 50% од сексуално активните мажи и жени се заразуваат со генитален ХПВ во одреден период од својот живот. До педесеттата година на животот најмалку 80% од жените ќе добијат генитална ХПВ инфекција.

КАКО СЕ ДОБИВА ХПВ ИНФЕКЦИЈА?

ХПВ инфекцијата најчесто се пренесува преку вагинален или анален секс. Исто така се пренесува и преку орален секс или преку генито – генитален контакт. Најчесто инфекцијата не предизвикува никакви симптоми така што инфицираните особи не знаат дека се инфицирани и поради тоа несвесно ја пренесуваат инфекцијата понатаму на своите партнери. Можно е пренесување на неколку видови ХПВ истовремено.
Ретко заразените бремени жени можат да ја пренесат ХПВ инфекцијата на своите бебиња во тек на вагиналното раѓање. Кај заразените бебиња можат да се појават брадавици во грлото или на гласните жици или да добијат брадавици по целиот респираторен тракт (таканаречена јувенилна повторувачка респираторна папиломатоза).

КОИ СЕ ЗАНЦИТЕ И СИМПТОМИТЕ НА ГЕНИТАЛНА ХПВ ИНФЕКЦИЈА?

Гениталните брадавици се обично меки, влажни, розеви или црвеникави набубрувања во гениталната област. Тие можат да бидат издигнати или равни, поединечни или во група, мали или големи, понекогаш со изглед на карфиол. Тие се откриваат со визуелна инспекција а се појавуваат после неколку недели од сексуален контакт со заразен партнер – дури и во случај кога заразениот партнер нема видливи брадавици.

КАКО СЕ ДИЈАГНОСТИЦИРА ХПВ ИНФЕКЦИЈАТА?

Најчесто дијагнозата е преку абнормален Пап тест. Денес не постои општ тест за проверка на ХПВ статусот кај мажите или жените. Не постои нити тест за откривање ХПВ на гениталиите, устата или грлото. Денешните комерцијални ХПВ тестови исклучиво се користат во склоп на скринингот за цервикален рак и тоа кај жени во одредена возраст и со одредени ПАП наоди.
Не постојат ХПВ тестови за мажите.

ДАЛИ ПОСТОИ ЛЕК ЗА ХПВ?

Нема лек за ХПВ инфекцијата, но кај најголем број жени инфекцијата исчезнува сама по себе. Лекувањето кое се превзема е насочено кон уништување на кожните или слузокожните промени (брадавиците или пред-раковите промени на грлото на матката) а не кон самиот вирус.

КАКВА Е ВРСКАТА МЕЃУ ХПВ ИНФЕКЦИЈАТА И РАКОТ НА ГРЛОТО НА МАТКАТА?

ХПВ може да ги претвори нормалните клетки на заразеното место во абнормални клетки. Промените се на клеточно ниво и пациентката не може да ги почувствува. Најчесто самото тело ја победува ХПВ инфекцијата и заболените клетки се враќаат во нормала. Меѓутоа во случаите кога телото неможе да се справи со ХПВ инфекцијата, тогаш вирусот предизвикува видливи промени на заболеното место – генитални брадавици или рак. Обично брадавиците се појавуваат за неколку недели или месеци додека за појава на рак треба да поминат неколку години од почетниот контакт.

КАКО ДА СЕ НАМАЛИ РИЗИКОТ ОД ГЕНИТАЛНА ХПВ ИНФЕКЦИЈА?

Ризикот зе намалува на неколку начини:
1. Со вакцинирање на мажите и жените. Вакцините се даваат во три дози и од пресудно значење е примањето на сите три дози. Исто така треба да се знае дека вакцините се најефикасни кога се примаат на возраст од 11 или 12 години.
 За девојките и жените се користат две вакцини (Церварикс и Гардасил), обете штитат од видови на ХПВ кои предизвикуваат рак на грлото на матката. Една од овие вакцини (Гардасил) истовремено штити и од појава на генитални брадавици. Исто така штити и од анални, вагинални и вулварни ракови. Двете вакцини се препорачуваат за 11 и 12 годишни девојчиња како и за девојките на 13 до 26 годишна возраст кои не ги примиле сите три дози предходно. Овие вакцини се даваат и на возраст од 9 години. Најдобро е да нема мешање на вакцините односно да се прима или едната или другата вакцина.
 За машките деца и мажите на располагање е само едната вакцина (Гардасил), таа штити од појава на најголем број генитални брадавици и анални канцери. Оваа вакцина се препорачува за 11 и 12 годишни машки деца но исто така се дава и кај машките на возраст од 13 – 26 години кои не ги примиле сите три дози предходно.

2. За оние кои се сексуално активни, користењето на кондомите го намалува ризикот од ХПВ. За максимална заштита тие треба да се користат при секој однос од почеток до крај. Кондомите исто така штитат и од гениталните брадавици и од ракот на грлото на матката, но сепак тие не можат да ги покријат сите области и поради тоа кондомот не претстваува 100% заштита.

3. Намалување на ризикот од ХПВ исто така се постигнува со избегнувањето на ризично сексуално однесување, односно со намалување на бројот на сексуални партнери и со постигнување на правилна интимна врска во која нема да има место за трета особа.