БЕНИГНИ ПРОМЕНИ ВО ДОЈКАТА
Анатомија на дојката
Нормално отекување и осетливост на градите за време на менструалниот циклус, Фиброаденом, Цисти на дојката, Инфекција, Некроза на масно ткиво, Липом и Рак на дојката.
Нормален оток на дојката во тек на менструалниот циклус е честа појава и се јавува поради редовно менувањето на нивоата на хормони. Повеке од половина од сите жени кои имаат менструација ќе имаат болка, осетливост или грутка во градите во одреден период на циклусот. Ова најчесто се случува една неделата пред менструацијата, но брзо поминува со почетокот на менструацијата. Ако грутката предизвикува болка, состојбата е позната како фиброцистична промена и таа е од поблаг карактер. Но ако болката и грутката се од поголем степен потребен е лекарски преглед. Оваа појава е најчеста кај жени на возраст од 30-50 години.
Фиброаденом е неканцерозна (бенигна) грутка на дојка која обично се јавува кај жени помлади од 40 години. Најчесто се јавува кај жени во 20-тите години. Тоа е најчестиот вид бенигна грутка на градите. Грутките се јавуваат поради зголемен раст на жлездите и сврзното ткиво во градите. Тие обично се пипаат како топчести, цврсти или гумени грутки. На притисок се подвижни под кожата и не се болни. Понекогаш самите исчезнуваат или може да се отстранат. По менопаузата имаат тенденција да се повлечат.
Цисти во дојките се грутки исполнети со течност. Почести се кај жени кои се приближуваат кон менопауза, иако можат да се појават на било која возраст. Обично се овални или тркалезни, мазни и цврсти. На притисок имаат тенденција малку да се поместат. Вообичаено е да се јават две недели пред почетокот на менструацијата и да се изгубат брзо по менструацијата.
Цистите не можат да се претворат во рак на дојка и не треба секогаш да се третираат откако ќе се потврди дијагнозата. Онаму каде што е потребен третман, обично се прави со пунктирање и празнење на цистата. Интервенцијата се прави со тенка игла. По празнењето, некои цисти повторно се полнат со течност и во тој случај можна е повторна пункција.
Грутки во дојката се честа појава кај жени кои дојат поради блокирање на млечните канали. Ако во нив навлезат бактери преку пукнатините во брадавицата може да дојде до воспалителна грутка во која може да се создаде гнојна колекција (апсцес). Во таков случај помагаат топли облоги, парацетамол и/или антибиотици. Инфекција може да предизвика грутка во градите и кај жени кои не дојат.
Некроза на масното ткиво во дојките може да предизвика појава на грутка во градите. Обично е последица на повреда или траума на масното ткиво во градите. Овие грутки обично заздравуваат сами од себе, ако не го сторат тоа може да се отстранат.
Рак на градите може да предизвика појава на грутка во дојката. Тој најчесто започнува во клетките кои ги обложуваат каналите на дојката и затоа се нарекува канален или дуктален рак. Ракот може да започне и во клетките на жлездите на дојката и во овој случај се нарекува жлезден или лобуларен рак. И дукталниот и лобуларниот рак може да бидат in situ (на местото каде што се појавил) или инвазивен (кога се проширил на околното ткиво). Има и поретки видови на рак на дојка. Тие вклучуваат воспалителен рак на дојка, Паџетова болест на дојката и тројно негативен рак на дојка. Ретки видови на рак на дојка вклучуваат не-Хочкин лимфом и сарком на меките ткива.