Анализа на семе Спермограм – Резултати од тестот
Тоа е специјална лабораториска анализа со која се анализираат квалитетот и виталноста на сперматозоидите во три чекори:
- анализа на бројот на сперматозоиди
- анализа на обликот на сперматозоиди
- анализа на подвижноста на сперматозоидите
Бидејќи бројот на сперматозоиди варира на дневна основа, најдобро е да се направат две до три анализи пред да се даде конечна проценка за квалитетот на семето.
Кога се прави спермограм?
Најчесто кога има проблем со забременување, спермограмот ќе одговори на прашањето дали се работи за машка неплодност и дали причината за тоа е низок број на сперматозоиди или нивна неквалитетност.
Каква припрема треба за да се направи спермограм
• да нема ејакулација 24 до 72 часа пред тестот.
• да не се зема алкохол, кофеин, дроги (кокаин, марихуана) два до пет дена пред тестот.
• да не се земаат хербални лекови (во договор со докторот),
• избегнување хормонски лекови (во договор со докторот)
Како се дава семето?
Најчесто и најдобро со мастурбација, за други начини потребна е консултација со нашата лабораторијата.
Како се пренесува примерокот до лабораторијата?
Најважно – транспортот на семето до лабораторија да биде на телесна температура (повисока или пониска температура доведуваат до неточен резулат). Второ, семето мора да се достави до лабораторијата во рок од 30 до 60 минути по давањето.
Кои фактори негативно влијаат на резултатот?
• допир на семето со материи кои го уништуваат семето (кои се обично присутни во разни вагинални супозитории, филмови, кремови, гелови или пени).
• да не се прави ако сте болни или под стрес
• ако се случила лабораториска грашка
• ако примерокот е контаминиран
Кога давањето и лабораториската анализа биле во ред, а резултатот од спермограм не е добар, можни причини се:
• алкохол
• кофеин
• билки, (кантарион)
• лекови (циметидин)
• употреба на дрога
• тутун
Колку време е потребно за анализа на семето и што е тоа нормален спермограм?
Најчесто анализата на семето е готова истиот ден. Извештајот содржи информација за следните фактори:
- Морфологија (облик, форма) на сперматозоидите
Нормалните сперматозоиди имаат овална глава и долга опашка. Ако имаат дефекти во обликот на главата (голема и необликована) или дефекти во опашката (искривена или двојна) тие се абнормални. Со вакви дефекти сперматозоидите не можат да стигнат до јајце клетката нити да ја оплодат.
Обично, само 4% до 10% од сперматозоидите се нормални, останатите имаат неправилна форма.
- Подвижност на сперматозоидите
Нормално повеќе од 40% од сперматозоидите треба да бидат подвижни (во место или прогресивно подвижни). Прогресивните треба да бидат повеќе од 32%. Подвижноста е многу важна бидејќи без неа сперматозоидите неможат да стигнат до јајце клетката.
- pH вредност (“power of hydrogen” или “моќ на атомот водород“) на сперамтозоидите
pH вредноста во семето треба да биде од 7,2 до 8,2. Секоја вредност над или под овие граници негативно влијае на подвижноста на семето.
- Волумен на семената течност
Волуменот (количината што се ејакулира) е од 1,5 до 5 милилитри. Семената течност се создава во неколку полови жлезди и органи. Покрај сперматозоиди во неа има хранливи материи, витамини и минерали кои обезбедуваат храна, енергија и заштита на сперматозоидите од киселата средина на женскиот репродуктивен тракт.
Низок волумен (помалку од 1,5 мл) го намалува вкупниот број на сперматозоиди потребни за оплодување на јајцеклетката, висок волумен (над 5 мл) исто така го намалува вкупниот број на сперматозоиди поради ефектот на разредување.
- Ликвефакција (втечнување на семената течност)
Со овој процес првично густото семе (кое после ејакулација е во вид на гел) се втечнува и станува водено. Ова е од клучно значење бидејќи само во течна средина сперматозоидите можат успешно да се движат и да се транспортираат до местото на оплодување во јајцеводите. Втечнувањето настанува за 15 до 30 минути. Ако тоа не се случи плодноста е загрозена.
- Концентрација (број сперматозоиди во мл семе) и вкупен број на сперматозоиди (во целото семе)
Бројот на сперматозоиди треба да биде од 15 до преку 200 милиони на милилитар семе. Ако е помал од 15 милиони или ако вкупниот број во целото семе е помал од 39 милиони, ејакулатот се смета со ниска концентрација. И покрај тоа што за забременување треба само едeн сперматозоид и само една една јајце клетка, кога има нормален број на сперматозоиди шансите за забременување се огромно зголемени.
Концентрацијата на сперматозоиди укажува и за состојбата на целокупното здравје. Ниска концентрација може да е поврзана со маснотии, висок боди мас индекс, висок крвен притисок, метаболен синдром, шекерна болест, срцеви заболувања и друго. Затоа, ако имате ниска концентрација на сперматозоиди потребно е да направите здравствена контрола на целокупното здравје.
- Изглед на семената течност
Бојата на семената течност може да варира. Нормално е сива, малку заматена или со млечен изглед. Ако е црвено-кафеава можно е присуство на крв а ако е жолтеникава можна е жолтица или земање на одредени витамини или лекови. Ако немате симптоми, повремени промени во бојата на семето најчесто не се причина за загриженост.
Ако анализата на семето – спермограмот покаже лоши резултати – што значи тоа?
Лошиот резултат укажува на:
- неплодност
- инфекција
- хормонална нерамнотежа
- болест, како што е дијабетес
- генетски дефекти
- изложеност на зрачење
Во ваков случај најчесто се прават дополнителни тестови:
- генетски тестови
- хормонски тестови
- проверка на урината по ејакулација
- биопсија на тестисите
- имунолошки тестови (дали има антитела против сперматозоидите)
Кој дијагнози се поставуваат при лош спермограм ?
- Олигоспермиа – намален број сперматозоиди во милилитар семе,
- Астенозооспермиа – намален број прогресивно подвижни сперматозоиди
- Олигоастенозооспермиа – намален број сперматозоиди и намалена подвижност
- Азооспермиа – одсуство на живи сперматозоиди
Анализа на семе или спермограм на кој може да му веруваме е оној кој е добиен со внимателно давање на семето, со внимателна лабораториска анализа и со сумирање на резултати од две или три анализи. Само така може да ја откриеме причината за машката неплодност.