Охрид | ПЗУ Захариевски

Гинекологија Акушерство

Сексуално Преносливи Болести

ЗОШТО ДА СЕ ТЕСТИРАМ

Сексуално преносливите болести (СПБ) се многу чести. Истражувањата укажуваат дека до 25 годишна возраст, околу половина од сексуално активните луѓе ќе се заразат со некоја СПБ.  Овие болести најчесто се подмолни и не покажуваат никакви симптоми, оттука најголем број заразените особи сметаат дека се здрави. Единствен начин да се дознае дали вие или вашиот партнер имате СПБ е да се тестирате.

Добрите вести се: Сите СПБ се лекуваат а многу од нив дефинитивно. Нелекувањето може да предизвика трајни последици по здравјето на сексуалните партнери, на пример неможност за забременување, рак на гениталните oргани и друго. Згора над се ако сте веќе заразени со некоја од СПБ а имате секс со партнер кој е исто така заразен, вашиот ризик од добивање СИДА или други СПБ уште повеќе се зголемува.

Ако имате било какви промени во гениталната област или било каков секрет или нелагодност при мокрењето, потребно е веднаш да се јавите на лекар и да проверите дали се работи за СПБ. Треба да се знае дека сите генитални инфекции не се СПБ. На пример израстоци на кожата во вид на тврдина или меурчиња кои потекнуваат од коренот на влакната можат погрешно да бидат означени како СПБ. Исто така габичните инфекции по грешка можат да се сметаат за СПБ. Лекарот треба да ги разјасни овие дилеми и да одлучи дали треба да се направат тестови за СПБ.

Никој не сака да говори за својата сексуална историја, но пред да започнете нова сексуална врска, најдобро е отворено да разговарате за вашата претходната сексуална историја и да направите тестови за СПБ. Реалноста е дека со стапување во сексуална врска вие доаѓате во контакт не само со вашиот нов сексуален партнер туку и со сите неговите дотогашни сексуални партнери … и со нивните претходни сексуални партнери … Ова можеби изгледа застрашувачко но со зазамање на активен став и со тестирање за СПБ на стартот од сексуалната врска ситуацијата може да се стави под контрола.

ДАЛИ МОЖАМ ДА ПРЕПОЗНАВАМ СПБ КАЈ МЕНЕ ИЛИ КАЈ МОЈОТ ПАРТНЕР

Единствен начин да се знае дали вие или некој друг има СПБ е да се направат тестовите. Никогаш не може на прв поглед да се каже дали некој има или нема СПБ. Ова е од причина што СПБ се многу чести, што е потребен е само еден сексуален однос за да се заразите и што овие болести (вклучувајќи ја и СИДАТА) немаат НИКАКВИ симптоми. Баш никакви. Од тука доаѓа несвесноста на многу луѓе за својата заразеност. Ако сакате да знаете дали сигурно имате или немате СПБ тогаш треба да се ТЕСТИРАТЕ и ВИЕ и ВАШИОТ ПАРТНЕР. Знаењето овозможува да се излечи секоја болест. Проверете го вашето тело на време и дознајте го вашиот статус.

НА КОЈ СПБ ТРЕБА ДА СЕ ТЕСТИРАМ

СПБ не се како алергиите каде еден панел проверува на многу алергии. Кај СПБ не постојат такви панели, туку за секоја СПБ постојат посебни специфични тестови. Вие заедно со докторот треба да одлучите која СПБ треба да се испита. Потребен е отворен разговор за вашата претходна сексуална историја па потоа да се одредат тестовите што треба да се направат.

КАКО СЕ ПРАВИ ТЕСТИРАЊЕТО

Ова зависи од вашата возраст, пол, сексуална историја и видот на тестот.
Тестирањето може да вклучи:
-Преглед (на знаци за инфекција како на пример осип, секрет, улцери или брадавици). Примероци можат да бидат земени од:
– Урината (за тестирање на кламидија и гонореа),
– секрет од телото, ткиво, клетки или брис од устата (за тестирање под микроскоп на кламидија, гонореа, херпес или ХИВ),
– крв (за тестирање на сифилис, херпес или ХИВ).
Потребно е точно да се одреди која СПБ ќе биде проверена.
Дијагнозата понекогаш може да се постави само врз основа на симптомите и прегледот така што може веднаш да се почне со терапијата. Во спротивно се земаат примероци и се испраќаат во лабораторија.

ШТО СЕ СЛУЧУВА АКО ИМАМ ПОЗИТИВЕН РЕЗУЛТАТ

Сите СПБ можат да се лекуваат а некој и дефинитивно да се излечат. За некој СПБ има повеќе начини на лекување додека сите се лекуваат различито. На пример:
Ако имате позитивен тест на Кламидија, ќе ви биде препишан антибиотик и тој ќе ја излечи болеста. Вие може повторно да се заразите со кламидија ако имате секс со особа која има кламидија, поради тоа пред да започнете повторно со сексуални односи многу е важно и вашиот партнер да се тестира и лекува од кламидија.
Ако сте позитивни на Херпес тогаш ќе ви биде препишан лек кој ги лекува симптомите. Овие лекови помагаат да се спречи повторната појава на херпесот и да се минимизира неговата јачина и можноста за пренос на партнерот.

КАКО ДА МУ СООПШТАМ НА МОЈОТ ПАРТНЕР ДЕКА ИМАМ СПБ

Некој разговори не се лесни. Ваквото соопштение е едно од нив. Но не се работи само за вас. Вашиот партнер треба и мора да знае дали добил СПБ за да може да се тестира и во случај на позитивен резултат да се лекува. Секој се заразува со СПБ од некој друг. Еден од начините за спречување на ширење на СПБ е отворен разговор. Затоа треба да се разговара. Иако тоа нема да биде лесен разговор сепак многу е важно да се разговара. Често пати ваквите разговори уште повеке ги зближуваат партнерите. Бидете за вашиот партнер она што и вие посакувате тој да биде за вас.