Охрид | ПЗУ Захариевски

Гинекологија Акушерство

Анализа на семе Спермограм Резултати од тестот

Што е спермограм?

Тоа е специјална лабораториска анализа која ги анализира квалитетот и виталноста на сперматозоидите. Покрај сперматозоидите во семето има и други материи како шекери и протеини. Спермограмот се прави во три чекори:

  • анализа на бројот на сперматозоиди
  • анализа на обликот на сперматозоиди
  • анализа на подвижноста на сперматозоидите

Бројот на сперматозоиди варира на дневна основа и затоа е најдобро да се направат две до три анализи па дури потоа да се даде конечна проценка за квалитетот на семето.

Кога се прави спермограм?

Најчесто кога има проблем со забременувањето, од спермограмот откриваме дали се работи за машка неплодност поради нискиот број на сперматозоиди или поради нивната неквалитетност.

Каква припрема треба за да се направи спермограм

• избегнување ејакулација 24 до 72 часа пред тестот.
• Избегнување алкохол, кофеин или дроги (кокаин, марихуана) два до пет дена пред тестот.
• избегнување хербални лекови (во договор со докторот),
• Избегнување хормонски лекови (во договор со докторот)

Како се дава семето?

Најчесто и најдобро е со мастурбација.

Како се пренесува примерокот до лабораторијата?

Најважно е транспортот на семето до лабораторија да биде на телесна температура бидејќи повисока или пониска температура доведуваат до неточен резулат. Исто така, семето треба да се достави до лабораторијата за 30 до 60 минути.

Кои фактори негативно влијаат на резултатот?

• допир на семето со материи кои го уништуваат семето (присутни во разни вагинални супозитории, филмови, кремови, гелови или пени).
• ако го давате семето кога сте болни или под стрес
• ако се случила лабораториска грашка
• ако примерокот е контаминиран

Ако давањето и обработката на семето биле во ред, а резултатот не е добар тогаш наредни можни причини за слаб резултат се:

• алкохол
• кофеин
• билки, (кантарион)
• лекови (циметидин)
• употреба на дрога
• тутун

Колку време е потребно за анализа на семето и што е тоа нормален спермограм?

Најчесто анализата на семето е готова истиот ден. Извештајот содржи информација за следните фактори:

Нормално сперматозоидите имаат овална глава и долга опашка. Но ако имаат дефекти на главата (голема и необликована) или дефекти во опашката (искривена или двојна) тие се абнормални. Вакви дефекти оневозможуваат семето да стигне до јајце клетката и да ја оплоди.

Различна форма на сперматозоиди

Вообичаено, само околу 4% до 10% од сперматозоидите се нормални, останатите се со неправилна форма.

  • Подвижноста на сперматозоидите

За нормален резултат потребно е најмалку 40% од сперматозоидите да бидат подвижни (или во место или прогресивно подвижни). Прогресивно подвижните треба да бидат најмалку 32%.  Подвижноста е многу важен фактор бидејќи сперматозоидите мора да патуваат за да ја оплодат јајце клетката.

  • pH вредност на сперамтозоидите?

pH вредноста во семето треба да биде од 7,2 до 8,2 бидеќи секоја вредност над или под овие граници негативно влијае врз подвижноста на семето.

  • Волумен на семето

Волуменот на семето е количината што се ејакулира и нормално се движи од 1,5 до 5 милилитри. Произведена е од неколку полови жлезди и органи. Во нејзиниот состав има витамини и минерали кои обезбедуваат храна, енергија и заштита на сперматозоидите.

Низок волумен (помалку од 1,5 мл) го намалува вкупниот број на сперматозоиди неопходни за оплодување додека висок волумен (над 5 мл) исто така го намалува вкупниот број на сперматозоиди поради ефектот на разредување.

  • Ликвефакција (втечнување на семената течност)

Со овој процес првично густото семе (кое после ејакулација е во вид на гел) се втечнува и станува водено. Тоа е од клучно значење бидејќи само во таква средина сперматозоидите можат успешно да се движат и да се транспортираат до местото на оплодување во јајцеводите. За овој процес потребни се 15 до 30 минути.  Ако тоа не се случи плодноста е загрозена.

  • Број на сперматозоиди

Според Светската Здравствена Организација (СЗО) вкупниот број на сперматозоиди во цело семе треба да е повисок од 39 милиони, додека бројот на сперматозоиди во 1 мл треба да биде повисок од 15 милиони. Пониски вредности се сметаат за ниска концентрација. Иако за забременување треба само едeн сперматозоид и само една една јајце клетка, нормалниот  број на сперматозоиди огромно ги зголемува шансите за забременување.

Бројот на сперматозоиди укажува и за состојбата на целокупното здравје. Мажите со низок број сперматозоиди имаат повеке здравствени ризици како на пример: маснотии, висок крвен притисок, метаболен синдром, шекерна болест, срцеви заболувања и друго. Од овие причини, ако и вам ви е дијагностициран низок број на сперматозоиди, потребна е проверка на целокупното здравје.

  • Изглед на семената течност

Бојата на семената течност варира. Таа е нормално сива, со малку заматен или млечен изглед. Ако е црвено-кафеава во неа има крв , жолтеникава боја може да биде поради жолтица или поради земање одредени витамини или лекови. Ако нема други симптоми, повремени промени во бојата на семето најчесто не се причина за загриженост.

Што значи ако резултатот не е во ред?

Ако резултатот не е во ред може да укаже на: неплодност, инфекција, хормонална нерамнотежа, дијабетес, генетски дефекти и друго. Во ваков случај најчесто се прават дополнителни тестови како на пример: генетски тестови, хормонски тестови, проверка на урината по ејакулација, биопсија на тестисите, имунолошки тестови и слично.

Кој дијагнози се поставуваат при лош спермограм ?

Олигоспермиа – намален број сперматозоиди во милилитар семе,
Астенозооспермиа – намален број прогресивно подвижни сперматозоиди
Олигоастенозооспермиа – намален број сперматозоиди и намалена подвижност
Азооспермиа – одсуство на живи сперматозоиди

Спермограм на кој може да му веруваме е оној кој е добиен со внимателно давање на семето, внимателна анализа во лабораторијата и со сумирање на резултатите од две или три анализи.  Само така може да ја откриеме најверојатната причина за неплодност.