
Бременоста е период во кој редовните прегледи и навремените испитувања овозможуваат следење на здравјето на трудницата и развојот на плодот. Планот на антенатална грижа се приспособува според гестациската возраст, медицинската историја и индивидуалните потреби.
Предупредувачки знаци во бременоста
Дознајте кои симптоми бараат итна медицинска помош и кога треба без одложување да контактирате гинеколог или акушерско одделение.
Кога треба да побарате медицинска помош
Корисни информации и алатки
- Калкулатор на бременост по недели и месеци — пресметка на гестациската возраст и очекуваниот термин за породување според последната менструација.
- 5Д-ултразвучна технологија — информации за современите начини на тридимензионално и четиридимензионално прикажување на плодот. Подобриот визуелен приказ не ја заменува стандардната медицинска ултразвучна проценка.
Ултразвучен скрининг во бременоста
Ултразвучните прегледи овозможуваат проценка на растот и анатомскиот развој на плодот, количината на плодовата вода, положбата на постелката и други параметри важни за следење на бременоста.
Во одредени клинички ситуации се применуваат и доплер-анализи за проценка на крвните протоци во избрани крвни садови. Овие мерења се изведуваат според гестациската возраст и медицинските индикации и не се неопходен дел од секој рутински преглед.
Повеќе за ултразвучниот скрининг во второто тримесечје
Скрининг за хромозомски нарушувања
Во текот на бременоста може да се понудат различни методи за проценка на ризикот од одредени хромозомски нарушувања кај плодот. Тие вклучуваат ултразвучен скрининг, биохемиски тестови и неинвазивен пренатален ДНК-скрининг (НИПТ).
Скрининг-тестовите проценуваат ризик, но не поставуваат конечна дијагноза. Резултат со висок ризик бара дополнително советување и проценка, додека резултат со низок ризик не ги исклучува сите можни хромозомски или структурни нарушувања.
Дијагностички испитувања, како биопсија на хорионски ресички (CVS) и амниоцентеза, можат да се разгледаат по абнормален скрининг, при значајни ултразвучни наоди, при други медицински индикации или како дел од информираниот избор на трудницата по соодветно советување.
Не е неопходно претходно да постои позитивен скрининг-резултат за да се разговара за можноста за дијагностичко испитување. Опфатот на дијагностиката зависи од избраната лабораториска анализа.
Одлуката за пренатален скрининг или дијагностичко испитување се донесува индивидуално, по објаснување на придобивките, ограничувањата и можните ризици.
Споредба на ултразвучниот, биохемискиот и ДНК-скринингот
Скрининг за инфекции во бременоста
Одредени инфекции во текот на бременоста можат да влијаат врз здравјето на трудницата и развојот на плодот. Затоа, испитувањата за инфекции претставуваат важен дел од антенаталната грижа.
Во нашата ординација, во рамките на антенаталното следење и со почитување на националните упатства, се спроведуваат серолошки испитувања за инфекции од групата TORCH — токсоплазмоза, рубеола, цитомегаловирус (CMV) и херпес симплекс вирус (HSV), со определување на специфични IgG и IgM антитела.
Околу 14. гестациска недела се земаат егзоцервикални и ендоцервикални брисеви за микробиолошки испитувања, вклучувајќи кламидија, микоплазма и уреаплазма.
Околу 36. гестациска недела се спроведува скрининг за стрептокок од групата Б (GBS).
Изборот и толкувањето на испитувањата се приспособуваат според медицинската историја, клиничките наоди и современите стручни препораки. Позитивен серолошки или микробиолошки наод не значи автоматски активна инфекција или потреба од лекување; понекогаш се неопходни дополнителни потврдни испитувања.
Скрининг за гестациски дијабетес
Гестацискиот дијабетес е нарушување на регулацијата на гликозата кое првпат се открива во текот на бременоста и може да биде поврзано со компликации кај трудницата и плодот.
Испитувањето најчесто се планира меѓу 24. и 28. гестациска недела, според применливиот протокол. Кај трудници со определени ризик-фактори може да биде потребна и порано спроведена проценка.
Целта на скринингот е навремено откривање на нарушувањето, а со соодветно следење и лекување може да се намали ризикот од компликации.
Проценка на ризик за венски тромбоемболизам (ВТЕ)
Бременоста и периодот по породувањето се поврзани со зголемен ризик од венска тромбоза и белодробна емболија.
При антенаталните прегледи се врши индивидуална проценка на ризикот за венски тромбоемболизам, земајќи ги предвид претходните тромботични настани, медицинската и акушерската историја и другите присутни ризик-фактори.
Ризикот се проценува при првиот преглед и повторно кога ќе настанат значајни промени во текот на бременоста, како и во периодот по породувањето.
Кај трудниците со зголемен ризик се разгледуваат соодветни превентивни мерки, вклучувајќи фармаколошка тромбопрофилакса кога постои индикација, согласно клиничките препораки.
Проценката на ризикот не значи дека секоја трудница треба да прави лабораториски испитувања за тромбофилија.
Следење на растот и состојбата на плодот
Во второто и третото тримесечје се следат растот на плодот, количината на плодовата вода, состојбата на постелката и други параметри важни за проценка на бременоста.
Кога постои медицинска индикација, проценката се дополнува со доплер-мерења и други испитувања за навремено препознавање на застој во растот или нарушување на состојбата на плодот.
Индивидуално следење на бременоста
Не постои еднаков план на испитувања за сите трудници. Распоредот на прегледите и изборот на дополнителни тестови зависат од текот на бременоста, претходната медицинска историја и наодите од тековните прегледи.
Редовната комуникација со матичниот гинеколог овозможува навремено препознавање на ризиците и донесување информирани одлуки за понатамошната грижа.
Општи информации
Прв триместар
- Ултразвучен скринингДознајте сè за ултразвучниот скрининг во првиот триместар – како се изведува, што се проверува и како придонес…
- Биохемиски скринингДвоен и троен биохемиски скрининг во бременоста: маркери, време на изведување, проценка на ризик и разлики во …
- ДНК скринингШто открива НИПТ, колку е точен, како се толкуваат резултатите и кога е потребна дијагностичка потврда.
- Споредба на сите скрининзиСпоредба на ултразвучниот, комбинираниот биохемиски и НИПТ скрининг: што откриваат, кога се изведуваат и како …
Втор триместар
Трет триместар
Важни теми
- Д-димери во бременостД-димерите природно се зголемуваат во бременоста и сами по себе не значат тромбоза. Што препорачуваат RCOG и д…
- Тромбофилија во бременостТромбофилија е зголемена склоност кон крвни згрутчувања, наследна или стекната. Зошто е важна семејната истори…
- Уреаплазма, микоплазма и хламидијаШто значат хламидија, микоплазма и уреаплазма во бременоста: тестирање, колонизација, потреба од лекување и то…
Содржината е информативна и не заменува лекарски преглед. Подготвена и стручно проверена од д-р сци Иво Захариевски.